Трајанов за Нова Македонија: Одговорност за спорот со името треба да преземат сите релевантни политички фактори



26.12.2013

Трајанов за Нова Македонија: Одговорност за спорот со името треба да преземат сите релевантни политички фактори

Господине Трајанов, имавте повеќе предлози што би можеле да го олеснат наоѓањето решение за името. Побаравте ЕУ-посредник за спорот со Грција, но веќе подолго време барате и општ консензус за прашањето. Зошто сметате дека партиите во Македонија сѐ уште немаат постигнато консензус, иако се чини дека нема голема разлика во нивните ставови?

- Во 2009 година Демократскиот сојуз подготви стратегија за фазно решавање на спорот за името на нашата држава наметнат од Република Грција, но таа иницијатива не прерасна во државна стратегија. Беше и е исклучително добра можност да ги деблокираме евроинтегративните процеси. ЕУ и НАТО се наш стратегиски и врвен национален интерес. Сметаме дека ЕУ треба подиректно да се вклучи во надминувањето на блокадата со која се соочуваме.

Политичките партии, Владата и парламентот треба да усвојат платформа во која насока ќе се движиме и како да го придвижиме овој процес. Одговорност треба да преземат сите релевантни политички фактори за да нема поделба на патриоти и на предавници. Моја процена е дека во Македонија има силни опструкции на патот кон ЕУ и НАТО, а со флоскулата „името не го даваме“ се кријат идеи за свртување на курсот кон центри што во клучни моменти ќе нѐ остават на цедило.

Јас, како и секој Македонец, не можам да прифатам промена на името, но за компромис со кој нема да се загрози нашиот национален идентитет може да се разговара, за тоа се потребни и храброст и политичка волја, но и претходно изјаснување на граѓаните, за што предлагам одржување консултативен референдум.

Измените на Законот за заштита на сведоци што ги предложивте по случајот со новинарот Томислав Кежаровски првично беа најавени дека ќе одат во итна процедура за подоцна да се стават во редовна постапка. Зошто се случи ова?

- Во 2005 година е донесен Законот за заштита на сведоци, закон што обезбедува силен инструмент за борба против криминалот, но без заштитни механизми од лажни заштитени сведоци, со што во голема мера се загрозуваат основните човекови права и слободи. Измените на законот се во редовна постапка, по барање на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не е толку битно доколку тие бидат донесени.

Јас цврсто стојам на ставот дека треба да се степенува одговорноста за откривање идентитет на заштитен сведок, при што казните треба да бидат многу повисоки за припадници на полицијата, јавен обвинител, адвокат и судија, за разлика од сите други (вклучително и новинарите). На овој начин ќе се штитиме од можните „наместени“ сведоци, особено што сведочењето е еден од доказите во судската постапка.

До каде е сега иницијативата за измени на законот?

- Очекувам наскоро да почне комисиската расправа и до крајот на јануари измените да бидат усвоени. Законот за заштита на сведоци треба да биде променет во целина, како што е неопходна и кодификација на Кривичниот законик и на другите закони што содржат казнени одредби. Анализите покажуваат дека е неопходна целосна ревизија на кривичното законодавство.

Оценивте и дека главен критериум при изборот на судиите се партиската и етничката припадност, а дека Судскиот совет е подложен на политички влијанија и станал инструмент за дисциплинирање на судиите. Како може да се подобри работата на системот?

- Јас се залагам за владеење на правото и функционирање на демократските институции. Секаде може да има пропусти, но судот мора да биде крајно објективен и правичен и не смее да потпаѓа под влијание на политичките елити, бизнис-секторот, а најмалку да работи по диктат на извршната власт. Постојано критички ја опсервирам работата на надлежните институции за откривање и гонење на сторителите на криминал, а особено на тие што донесуваат одлуки со кои се одлучува за слободата на граѓаните. Сум за пресумција на невиноста, транспарентност и одговорност на секој што ги злоупотребува својата позиција, политичка моќ и влијание. Потребни се промени во составот и работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, јасни критериуми при изборот на јавни обвинители и судии, но и инструменти за нивна заштита од евентуални притисоци за нивно дисциплинирање.

Извор: Нова Македонија



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners