НОВА МАКЕДОНИЈА, 18.08.2012

ИНТЕРВЈУ: ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ, ПРАТЕНИК И ПОРАНЕШЕН МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ЗА НОВА МАКЕДОНИЈА, 18.08.2012

КОДОШИТЕ СЕ НАЈАКТИВНИ ЗА ВРЕМЕ НА ИЗБОРИ

Со Павле Трајанов разговаравме за лустрацијата, за тоа како се регрутираат кодоши и дали се злоупотребуваат информациите од терен

Интервју: Павле Трајанов, пратеник и поранешен министер за внатрешни работи

  • Г. Трајанов, во изјава за нашиот весник предупредивте дека со процесот на лустрација не треба да се наруши безбедносниот систем на државата. Постои ли таква можност и кои се опасностите?

     

    Процесот на прочистување во Република Македонија се одвива со задоцнување од 20 години и затоа моите заложби и определби се тој процес да заврши во најкраток можен рок, да биде неселективен, да се одвива крајно внимателно и да се елиминираат можностите преку него да се нанесат неправди.

    Сосема е извесно дека отворањето на политичките досиеја во 2001-та и сегашното отворање на досиејата за соработниците негативно ќе се одразат на безбедносниот систем, бидејќи многу оперативни позиции ќе бидат деконспирирани, голем дел од соработниците ќе ја прекинат соработката со тајните служби, многу тешко ќе се регрутираат нови соработници. Овој процес е расчистување со последиците од еднопартискиот систем.

    Инаку, со актуелниот закон за лустрација се спроведува „тврда“ лустрација и затоа е многу важно Комисијата за верификација на фактите да постапува крајно одговорно и претпазливо и одлуките да ги носи врз основа на цврсти факти и докази и без надгласување. Без разлика на опструкциите и на обидите овој процес докрај да се политизира, тој треба да продолжи.

Дали секој кодош морал да има потпис за согласност или не?

Кога зборуваме за соработници, тоа подразбира тајна, организирана и долгорочна соработка со тајните служби и оваа соработка да се одвива во согласност со законите и правилата на тајните служби. Клучни се три елементи за некој да биде прогласен за соработник на тајните служби:

  • Да постои писмена согласност за соработка.
  • Таа соработка да била од идеолошки политички причини.
  • Да има пишувани материјали, извештаи и слично врз чија основа некои лица претрпеле неправда (осудени, интернирани, испратени на Голи Оток, пуштени од работа, не можеле да се вработат, да бидат избрани на одредена функција, да напредуваат во својата професија и слично).

Неоспорно е дека веќе одреден број лица се прогласени дека соработувале со тајните служби, но од исклучителна важност е низ овој процес да поминат и највисоките носители на власт, кои во изминатите шеесетина години често барале доверливи информации од тајните служби и ги злоупотребувале. Во 1990-тите години, тогашниот претседател на Република Македонија од МВР, односно СДБ, бараше да биде информиран за сите активности на ВМРО-ДПМНЕ, како и за активностите на Љубчо Георгиевски и Борис Змејковски, при што неговите насоки и инструкции до службите беа да се неутрализира и разнебити ВМРО-ДПМНЕ, третирајќи ја како организација што ги загрозува државните интереси на РМ и СФРЈ. Затоа е легитимно да се отвори прашањето чија одговорност е поголема, на претседателот на државата, на министерот за внатрешни работи, раководителот на тајната служба или на кодошот?

Во изминативе 20 години секоја гарнитура поставуваше свој човек на чело на ДБК и може да се претпостави дека сите тие гарнитури ангажирале оперативци што собираат информации од терен. Дали се злоупотребуваат информациите за партиски или, пак, за бизнис-пресметки и уништување нечии животи?

Политичките партии сакаат да имаат целосна контрола над тајните служби и да ги користат за политички цели. Информациите што ги добиваат носителите на јавни функции од тајните служби неретко ги користат за компромитација на нивните неистомисленици, за нивна дискредитација и дисквалификација, особено во предизборните кампањи. Своевремено Собранието ги избираше судиите и јавните обвинители и сосема е извесно дека, доколку претседателот на парламентот има информација од тајните служби дека некој безбедносно, односно идејнополитички е неподобен, нема да биде избран за судија или за обвинител. За време на изборите партиите секогаш се потпирале на информациите добиени од тајните служби, често собирани и преку системите за прислушување, тајно следење, но и преку информации добивани од соработниците на тајните служби. За жал, тоа е практика и во други држави со поголемо парламентарно искуство и демократски капацитети.

Дали се користат посебни методи да се натера некој да работи за службите, дали тој поминува некоја обука и која е разликата на регрутирање соработници од страна на УДБА и по 1991-та на СДБ, односно ДБК и АР?

Голем број соработници соработувале од патриотски причини, но во последните години првенствено соработката се воспоставувала заради унапредување во кариерата, финансиски интерес и слично. Неретко соработка се воспоставувала и преку компромитација односно компромитирачки материјали.

Во случаите кога нема како да се пристапи до одредено лице, тоа се проучувало и се бараат неговите слаби точки. Најчесто паѓа на нивните тајни љубовни врски, вклученост во криминалот и слично.

Соработничкиот однос подразбира чести контакти на соработниците со оперативци на тајните служби, нивна своевидна обука, детални инструкции како да доаѓа до битни информации, како да останат неоткриени и слично.

 

Автор: Ирена Радовановиќ

Фотографија: Маја Јаневска-Илиева 

Последни Активности

23.04.2018

ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: БЕЗ ОДГОВОРНОСТ НЕМА РЕФОРМИ

Демократскиот сојуз смета дека во рамките на реформите на судскиот систем мора да се предвиди одговорност за сите кои на било каков начин ја попречуваат правдата, при што посебно треба да се нагласи одговорноста на носителите на високи политички и државни функции.

прочитај повеќе...

17.04.2018

ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: МАКЕДОНИЈА НА БРЗА ЛЕНТА ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ

Демократскиот сојуз смета дека, одлуката на Европската Комисија, Република Македонија да добие безусловна препорака за започнување на пристапните преговори за полноправно членство во Европската Унија е признание за сите граѓани кои цврсто се определија за промени...

прочитај повеќе...

08.04.2018

ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: ВЕЛИГДЕНСКА ЧЕСТИТКА

Демократскиот сојуз на сите православни верници им го честита Велигден, денот на Исусовото воскресение.

прочитај повеќе...

02.04.2018

ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: СИСТЕМСКИ И КОРЕНИТИ РЕФОРМИ

Демократскиот сојуз смета дека се неопходни системски и коренити реформи, се со цел да се обезбеди владеење на правото и правна сигурност, како битни предуслови за стабилност на државата и економски развој.

прочитај повеќе...

18.03.2018

ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ ОДБЕЛЕЖА 18 ГОДИНИ

Денес,18 март 2018 година, во Скопје, ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ  ,одбележа 18 години од формирањето на партијата.На одбележувањето, присуствуваа над 200 активисти на ДС, гости од политички партии, медиумите и симпатизери на ДС.

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners